
Како што соопштува ESPN Милвоки Бакс се согласиле на трампа со Сан Антонио. При тоа во Спарс ќе оди крилото Ричард Џеферсон, а кај “елените“ ќе дојдат Брус Боувен, Курт Томас и Фабрисио Оберто.
Според медиумите оваа размена ќе треба да биде официјална доцна вечерва.
Ако овој трејд се случи тогаш на одличното трио Данкан, Џинобили и Паркер ќе им се приклучи и уште еден ол-стар играч Ричард Џеферсон.
Џеферсон во просек сезонава имаше по 19.6 поени по натпревар и највисоки во кариерата скоро 40% шут за три.
“Тој е одлично крило. Тоа е нешто што на нашиот тим му недостасуваше“ - изјави Тони Паркер.
Оваа размена е пред се од финансиски аспект за Милвоки. Боувен, Оберто и Томас се во последната година од договорот и со тоа добиваат 15 милиони долари бонус после завршувањето на сезоната 2009/10.
Додека Сан Антонио повторно ќе бидат опасен тим и можеби ќе ја има најстрашната стартна петорка. Паркер и Џинобили на бекови, Џеферсон и Гуден на крилните позиции и Данкан како центар.