
Репрезентациите на Шпанија и Јужна Африка се полуфиналистите во Купот на Конфедерации од Групата А. Иако “црвената фурија“ ги совлада домаќините со 2-0, сепак Ирак не успеа да го победи Нов Зеланд и затоа и Јужна Африка оди понатаму.
Заради регуларност и двата дуели се одигра во ист термин. Шпанците малку потешко од предвидувањата се радуваа на победата која за нив значеше и светски рекорд. Шпанија има 15 победи по ред со што постави нов светски рекорд, а го израмни и рекордот на Бразил во непобедливост од 35 натпревари едно по друго.
Во првиот дел Торес имаше две убави шанси, но мрежата мируваше, додека на спротивната страна Паркер и Модисе не беа добро сконцентрирани и не ги искористија шансите што им се укажаа кон крајот на првиот дел.
На почетокот на вториот период во 50-та минута пенал за “црвената фурија“, Арон Мокена го собори Фабрегас во шеснаесетникот. Виља ја презема одговорноста, но Кун одлично одбрани, таа топка се одби до Пујол и тој шутираше, но уште една убава интервенција од домашниот голман.
Сепак Шпанците одма се совземаа и уште во наредната акција 1-0 за нив. Виља доби топка во шеснаесетникот ја смири и изненадувачки со лева од свртување шутираше, а голманот Кун овој пат немоќен.
Потоа во 72-та минута 2-0. Корнер за Шпанија, Фабрегас се обиде со волеј, но многу лошо ја зафати, а тоа се покажа како одлична асистенција до Љоренте кој само што влезе како замена за Торес и од само 4-5 метри неодбранливо шутираше.
До крај Паркер имаше убава можност преку контра да ја намали напнатоста и со гол да им обезбеди пласман во полуфинале и да не се чека Ирачаните да не постигнат гол за победа и во тие моменти пласман во полуфинале.

Сепак на тој дуел не се случи тоа, иако шампионите на Азија имаа две прекрасни шанси во последните 2-3 минути од продолжението. Голамот Мос одлично интервенираше исфрајќи ја топката во корнер при еден шут од 20-тина метри, а после тој корнер од самата гол линија чист гол спаси Бертос.
Но тоа беше само на крајот од натпреварот, претходно целосна доминација имаа “кивите“. Едно 5-6 убави можности имаа Смелц и Килен, но не успеаа да го совладаат Кадем.
После ова се покажа дека Ирак е добар само за деструктивен фудбал, а кога треба да напаѓаат неможат да се снајдат во таа улога.
На крај заслужено и Нов Зеланд се радуваше на освоен поен, а овие репрезентации ќе влезат во историјата на ова натпреварување како едни од неколкуте кои не успеале да постигнат гол на трите натпревари.