Интервју со Филе: Разликата ја прават само оние кои преземаат акција
15/11/2011 10:58

Игор Филевски - Филе, ја започна 11 сезона од неговата препознатлива емисија Топки, овојпат ексклузивно од Шпанија, а по тој повод разговаравме за се` она што не засега - македонскиот фудбал и спортот воопшто, спортското новинарство и проблемите кои се неизоставен дел...

Долго време се очекува 11 сезона на Топки. Што ќе ни донесе таа, најавуваш големи новини?

Се очекуваше веќе три недели претходно, но ете дојде и тој момент во неделата, старт на 11-тата сезона. Новините, пред се` се дека таа овојпат, по 10 години во Македонија, се емитува од Шпанија, од местото каде можеби, според некои мои проценки, се игра најубавиот фудбал на планетата, од земјата која е европски шампион, земјата која е светски шампион во фудбал и земјата која го дава и европскиот клупски шампион на УЕФА. Новините се во самиот поднаслов на оваа сезона ’Одблиску’. Тоа ќе биде презентација на најубавата лига и фудбал одблиску, до стадионите, фудбалерите, тренерите, навивачите и се она што ја прави спектакуларна оваа лига...


Се соочи ли со некои проблеми со нашите телевизии околу емитувањето на твојата емисија. Каква е ситуацијата на тој план.

Проблемите се стандардно – македонски. Но не такви какви беа во Канал 5, да не знаеш ниеден ден кога ќе ти започне емисијата, еднаш во 9, еднаш во 10, еднаш после полноќ. А останатите проблеми, ако може така да се наречат, стандардно, би рекол овеќе, досадни :) и којзнае дали се тоа проблеми или тоа е едноставно македонски начин на комуникација и договарање :).


Се обиде повеќе да го промовираш женскиот фудбал кој кај нас реално е на маргините кај јавноста, но тоа наместо признанија ти донесе само проблеми. Што поточно се случи или што поточно се случува?

Ха, ха , ха. Многу сте во право со тоа. Многу прецизно. Наместо ’заслуги’ кои воопшто и никогаш не сум ги побарал, само проблеми. Но веќе реков, јас НИКОГАШ веќе нема да напишам ниту еден збор за македонскиот женски фудбал, ниту промотивно, ниту под било кој друг аспект, додека е таму ’човекот’ кој го упропастува и кој си го гледа само личниот интерес, ги девалвира сите досегашни резултати и со секој ден е се поблиску и поблиску до дното. Впрочем, последните резултати кажуваат се`. Пораз до пораз. А, поради тоа што ’Наше Такси’ – македонскиот шампион и клубот кој ги направи најголемите успеси досега во историјата на женскиот фудбал е со истите ставови по ова прашање е максимално дескридитиран од ’тој лик’ ете ги последиците.

Македонскиот женски фудбал, без фудбалерките кои се едни од најквалитетните, допрва ќе тоне. Без лажна скромност, но тоа е вистина. Сега ќе бидете и вие сведоци на следните порази и од Босна и од Полска, како што Италија не прегази 9:0. И се` само поради лош избор. Тоа е тоа. Веќе ниту збор. Сега нека си најдат друг медиум на промоција. ТОПКИ со сите свои ’инстанци’ веќе е затворено за ’уништувачи на квалитетот и успехот’.


Отприлика знаеме во каква состојба се наоѓа македонскиот фудбал. Може ли фудбалот да донесе барем дел од радоста која ни ја донесоа кошаркарите и кој е според тебе патот за излез од оваа јама во која се наоѓаме.

Она што претходно го пишав, на некој начин е одговор и на ова прашање, но во друг аспект. Наместо ФФМ сега да ги стимулира младите кои имаат огромна шанса да дојдат до ЕП, тие се уште лутаат со начинот и реализација на главната финансиска поддршка. Дури потоа треба да се стимулира Тошак и неговите идеи. Од генерацијата која може да замине во Израел. Од овие кои ги имаме сега, веќе е скоро се` видено. Ни треба свежина и младост. А клупски? Хм...не гледам таму фудбал. Клупски, играме нешто налик на фудбал. Но само на лик, не и вистински Фудбал.


Кога сме кај Тошак, кој е твојот став за новиот селектор. Што може тој да направи со нашата репрезентација?

Ако се потпре на младите кои допрва доаѓаат, може. Но, за тоа треба да му оставиме простор од уште еден циклус после Светското. Затоа што треба да бидеме реални дека од Светското нема ништо да има за нас како можност за скок во Бразил. Но, ако остане и по тие квалификации, па да направи уште сега млад состав, е дури тогаш можеме да очекуваме дека следното Европско ќе имам добар и компетентен тим. Но, задолжително 2 циклуса. Инаку се` ќе е како и досега. За еден успех кој стартува од нула, потребни се барем два циклуса за да се видат резултатите. А ние сакаме се преку ноќ. Затоа и паѓаме.


Се зборува дека има ’бизнис’ при изборот на репрезентативци, и дека заради тоа сме пропуштиле голем број потенцијални репрезентативци кои сега ги бранат боите на други земји. Има вистина во ова?

Веројатно, да. Јас слушам исто како и вас, иако не сакам да верувам. Можеби има, а можеби и нема. Кај нас сите сакаме да се правиме ’паметни’ и да раскажуваме нешто ’што само ние знаеме’ , па можеби и по тој принцип се и тие приказни. Сигурно има нешто, но не во такви димензии какви ги прераскажуваат ’стручњаците на улица’.

Пандев? Како да падна квалитетот на нашиот најдобар фудбалер. Имаш некои подетални информации што се случува со него?

Не би рекол дека е падната формата. Во прашање е нормална промена на тим. Плус тоа знаете и сами дека одличен беше во Интер, но промените си го прават своето. Горан е јак лик, дисциплиниран и ќе се крене повторно. Горан не е човек што се предава. Нам треба да ни биде битен неговиот тренажен континуитет, другото се ќе си дојде на свое место. Ако не, се знае, наредното лето - нов тим. За него има секаде простор во Италија.

Што мислиш општо за застапеноста на фудбалот на нашите телевизии и како општо ги оценуваш спортските редакции на нашите ТВ куќи. Факт е дека англиско првенство веќе не се прикажува на нашите канали, а од следната година се најавува и дека шпанското ќе се префрли на Спортклуб.

Зарем треба да коментираме повеќе од тоа што директори на телевизии ги интересира само профит. Не квалитет и не кревање на квалитет. Еден натпревар ако чини преку 1000 евра со платени права, траса и ’гратис’ дел за преглед, а една турска серија ви чини 200 евра, што ќе купите вие? И од што во рекламниот простор ќе заработите повеќе? Затоа и народецов наш е на тоа ниво на кое е. Ние сме далеку од светот и од случувањата во светот. Нашето е од Асамати до Ливадиште или Градиште, како сакате, и плус оние 5% од државата кои шетаат надвор и знаат што се случува во Милано, Париз, Барселона, Мадрид, Рим, Берлин. Како во секојдневието, така и во бизнисот, така и во фудбалот.

За крај, што ќе им порачаш на посетителите на нашите портали – Таратур и Спортски.мк? Што мислиш воопшто за развојот на новите интернет медиуми?

Да го користат интернетот за да откријат нови предизвици и да пробаат да ги реализираат. Тоа значи дека наместо само на фејсбук и на чет, да видат каде има евтини авио летови (со кои стигнувате за 5 евра до Венеција или за 20 до Барселона) да се едуцираат секојдневно, да сакаат да зачекорат во нови простори во кои ќе го напуштат својот ’комфор’ (каков и да е) и да истражуваат.

Така ќе научат дека Леванте е источниот дел на Валенсија, дека Баскијците се ортодоксни во Атлетик, а не во Реал од Сан Себастијан, дека Камп Ноу е неговото име а не Ноу Камп, како и Сантјаго дека е Бернабеу, дека од Меси можат да научат повеќе отколку од Бранко, и дека ако навиваат во Мадрид ќе бидат посреќни отколку да навиваат пред Кригла, со други зборови, нека зачекорат во својата иднина, па макар била тоа и ’фудбалска’ отколку да дремат и да критикуваат без да преземат било каква акција.

Денес сите луѓе на планетата се паметни или барем повеќето. Разликата ја прават само оние кои преземаат акција. Исто како и во фудбалот. Во тоа е разликата меќу Меси, Кристијано, Чави и нашите на пример Тричковски, Наумовски и Тасевски. Првите преземаат акции и одговорности, а другите знаат се`, знаат исто што и првите, но никаде ги нема кога треба да се преземе акција и да се сноси последицата, каква и да е.
Најнови вести
Видео
Тип 1x2
ТИП 1х2

Контакт | Маркетинг
Copyright © 2009-2012 Sportski [0.0385][15]