Феликс Магат како деспот
07/09/2011 12:02
Феликс Магат како деспот

Тренерот на Волфсбург, Феликс Магат воведе строг деспотски правилник според кој неговите играчи ќе се казнуваат парично за секоја грешка што ќе ја направат за време на натпреварите и на тренинзите.

Тренерот Феликс Магат е познат по неговата строга дисциплина, а неодамна тој со по 10.000 евра ги казни фудбалерите Патрик Хелмес и Марио Манџукиќ затоа што не вложиле доволно труд за време на поразот од Фрајбург со 3:0.

Сега, тој отиде чекор понапред во начинот на казнување. Според германските медиуми, секој фудбалер на Волфсбург ќе биде казнет со по 100 евра за секоја минута што ќе задоцни на тренинг. Фудбалерите кои носат слушалки на ушите за време на тренинг ќе бидат казнети со по 250 евра.

Казни секако ќе има и за време на натпреварите. Доколку фудбалер непотребно ја додаде топката назад кон голманот, тој ќе биде казнет со 1.000 евра, а 500 евра е казната за дефанзивците кои ќе дозволат топката да тапне пред нив, наместо директно да ја расчистат опасноста.

На новите правила на Феликс Магат се спротистави Унијата на фудбалери.

„Парично да се казни фудбалер затоа што не се снашол на терен или игра слабо е против законско“, изјави претседателот на унијата, Улф Барановски.

Дали овие деспотски методи на стариот Германец ќе вродат со плод не знаеме, но скоро сите фудбалери кои работеле под негова палка имаат замерки на неговиот строг однос и држењето на дистанца со фудбалерите. Во модерниот фудбал неопходна е добра комуникација помеѓу тренерот и играчот, а не казни.

Најнови вести
Видео
Тип 1x2
ТИП 1х2

Контакт | Маркетинг
Copyright © 2009-2012 Sportski [0.1002][67]