
Ветеранот во НБА лигата, Шекил О'Нил на својот профил на Твитер објави дека ја прекинува својата богата кариера во која успеа да освои четири шампионски прстени и еднаш беше прогласен за најкорисен играч.
„Дојде време да се повлечам, минаа 19 години и мислам дека треба да ставам точка на мојата кариера. Им се заблагодарувам на фановите и затоа на овој начин решив да ја соопштам мојата одлука. Сакам токму вие први да дознаете. Ве сакам многу и наскоро ќе се видиме“, вели
Шекил во своето видео обраќање кое е објавено на неговиот профил.
Во неговиот сегашен тим, Бостон се уште не сакаат да ја коментираат веста бидејќи како што истакна портпаролот на екипата, тие немаат официјална информација.
О’Нил последната сезона од својата кариера ја мина во дресот на Бостон, но за жал имаше голем број на проблеми со повредите и годинава одигра само 37 натпревари. Шек со Селтикс имаше договор на две сезони, но очигледно дека проблемот со повредите е преголем и затоа тој реши да стави крај на кариерата во која настапуваше за Орландо, ЛА Лејкерс, Мајами, Феникс, Кливленд и Бостон.
Во изминативе 19 години, О’Нил имаше просек од 23,7 поени по натпревар, а во останатите статистички категории имаше учинок од 10,9 скока и 2,3 блокади.