Резил на Филип Втори
07/09/2010 23:25
Резил на Филип Втори

Македонската репрезентација уште во вториот натпревар од квалификациите ги урна надежите на нашата фудбалска јавност конечно да излеземе од кобното четврто место. Наместо лесна победа над Ерменија, нашите момци покажаа дека желбите се едно, а квалитетот сосема друго.

Фудбалерите на македонскиот национален тим оправдано со свирежи беа испратени од арената Филип Втори во Скопје. Се гаеја надежи дека ќе ја оствариме првата победа во овие квалификации се до 80 минута, а потоа се засилуваа само исвиркувањата и погрдните извици.

Првиот дел го започнавме порешително и поофанзивно, но само со полуприлики, додека Ерменците брзо го трансформираа својот напад и преку контранапади го загрозуваа голот на Нурединовски.




Како резултат на тоа, гостите дојдоа во водство во 40 минута преку Мовсисјан, но за среќа само минута подоцна Марио Ѓуровски израмни со ефектен гол од шеснаесетина метри.

Во второто полувреме нашите репрезентативци како да се уморија од темпото и императивот да се даде гол, па гостите беа далеку поконкретни во заканите, промашувајќи неколку одлични прилики за гол.

И кога нашиот гол висеше, поради конфузната одбрана и среден ред, по една брза контра Манучарјан излезе сам пред Нурединовски и го совлада.




Кога се мислеше дека Македонија ќе доживее пораз по кој ’ќе се бараа глави’, во судиското продолжение, еден од одбранбените фудбалери на Ерменија играше со рака и судијата покажа на белата точка. Сигурен реализатор беше Илчо Наумовски, но и тоа не беше доволно навивачите да не ги испратат фудбалерите со заслужени свирежи.

По овој пораз работите драстично се променуваат во однос на нашата репрезентација, ќе се поставуваат прашања дали е тоа најдоброто што го имаме, и дали селекторот Јонуз (кој беше казнет и го следеше мечот од трибините) и неговиот стручен штаб погрешиле во тактичката замисла, но сепак факт кој треба да се погледне во очи е дека нашите најдобри репрезентативци со исклучок на два-тројца играат во второкласни клубови во третокласни фудбалски лиги.

Сепак, тоа ни најмалку не им дава оправдување на избраниците кои го носат националниот грб, за срамната игра против слаборангираната Ерменија, туку конечно треба да се постави прашањето, зошто никој не инвестира во нашите клубови и фудбалери. Одговорот може да се претпостави!



Спортски/Таратур
Најнови вести
Видео
Тип 1x2
ТИП 1х2

Контакт | Маркетинг
Copyright © 2009-2012 Sportski [0.0529][84]