
Слично како и нашите фудбалски клубови, и италијанскиот второлигаш Триестина мака мачи како да ги привлече своите навивачи на стадионот Нерео Роко во Трст кој прима 32.454 гледачи. Затоа Италијанците дојдоа до идеја која ќе биде одлична за нашите клубови – виртуелни навивачи!
Второлигашот од Трст има слични проблеми како и нашите фудбалски клубови. Капацитетот на стадионот Нерео Роко ретко се исполнува и до 10%, па затоа идејата е феноменална.

Челниците на Триестина решија голем дел од проблемот. Затворија еден дел од стадионот заради преголемите трошоци, а за да не зјае празен, на него поставија хартиени постери на навивачи.
Викендов стадионот беше убаво пополнет, но од тоа само 3.810 можеа со аплауз да ја поздрават победата над Пескара од 1:0. Не навредуваат, не фрлаат бакли, не бараат многу акции, не пцујат по судијата, и уште да плаќаа влезници, навивачите на Триестина ќе беа најдобрите на светот.
Може нешто од сето ова и да научат нашите фудбалски клубови. На ’престижната’ македонска Прва лига обично има по ’двајца и дете’, па ако се стават виртуелни навивачи, веројатно и фудбалерите би биле помотивирани и би ја сокриле катастрофалната состојба во која се наоѓа нашиот клупски фудбал.