
Катастрофалната серија на француската репрезентација, која СП го напушти посрамена и во раскол, продолжува и во квалификациите за ЕУРО 2012. Среде нивниот Стад де Франс, славеше Белорусија и си замина со вредни бодови.
На самиот почеток на квалификациите за ЕП 2012 во Полска и Украина, Триколорите добија нов шамар, овој пат од Белорусија која славеше среде Париз со 1:0, со голот на Кисљак во 86 минута.
Светскиот првак од 1998, под водство на новиот селектор Лоран Блан настапи со мошне изменет состав (Лорис, Сања, Рами, Мексес, Реми, Менез, Хоаро, Малуда, МВила, Диаби и Клиши), но очигледно и Блан не успеа да ја промени ’крвната слика’ на француската гордост.
За волја на вистината, домаќинот беше подобар на теренот и имаше осум екстра шанси, додека Белорусите се заканија само еднаш, во 86 минута, но и тоа беше доволно да го потенцираат срамот што Французите го живеат веќе подолго време кога националниот фудбал е во прашање.
„Разочаран сум и тажен што на нашите навивачи не им се оддолживме со победа. Повторно имавме проблеми со реализацијата, а многу се почувствува и неиграњето на повредениот Карим Бензема. Верувам дека во вторник против Босна и Херцеговина ќе одиграме далеку подобро“, рече Блан.