Колумна: Милан ја тргна прашината од своето име
03/09/2010 15:40
Колумна: Милан ја тргна прашината од своето име

Пишува: Петар Кузманоски



Милан и неговиот бос Силвио, се апсолутни победници на штотуку завршениот трансфер маркет. Со доаѓањето на Ибрахимовиќ и Робињо, Милан конечно ја тргна прашината од своето име, кое полека заминуваше во просечност.

Берлускони е тој што го издигна Милан во височините, го направи еден од најтрофејните и најпрестижните клубови во Европа, а себе се направи најтрофејниот претседател во историјата на фудбалот, факт кој и самиот Силвио гордо и често го повторува.

Знаејќи го сето ова само прашање на време беше кога Милан повторно ќе се приклучи кон европскиот врв, или кога „донот“ повторно ќе покаже дека иднината на овој гигант е само во негови раце. А, ако се земе предвид дека само пред три години Милан беше шампион на Европа, тогаш Берлускони е сепак во добра кондиција.

Пред само една година се изгледаше поинаку, кога Силвио се одлучи да го продаде „знамето на клубот“, Бразилецот Кака. Фановите на Милан кои во ликот на Кака ја гледаа единствената светла точка, и база за понатамошно развивање на клубот и водење во нови победи, со неверување ја проследија „налудничавата“ идеја на својот претседател.

Истата таа година клубот го напушти и Малдини, (а сите знаеме што значеше овој човек за Милан) и Анчелоти, па сите, а и фановите на Милан помислија дека гигантот пополека заминува во просечност и дека деновите во кои за овој клуб играа најголемите ѕвезди на светскиот фудбал се само минато.

Но, ако земеме потемелно да ги анализираме потезите на Берлускони ќе видиме дека тој многу ретко или никогаш не греши. Тоа се покажа и во случајот на Шевченко, кој беше продаден за 45 милиони евра, (клубот таа година освои Лига на шампиони без него), тоа пополека се потврдува и со Кака кој беше продаден за фантастични 68 милиони.

Сега се поставува прашањето дали згреши овојпат? И дали покрај Ибрахимовиќ за кој мислам дека е вистински погодок, му беше потребен и Робињо?

Убаво е за Берлускони, а и за сите фанови на Милан, да се видат такви ѕвезди во својот клуб, но тоа може да биде и проблем. На теренот со Роналдињо, Пато, Робињо и Ибрахимовиќ заедно, Милан изгледа ѕвездено и страшно за противниците, но во пракса тоа е малку веројатно сите да играат заедно.

Дали Милан сега има проблем? Тренерот Алегри изјави дека не често или само во одредени ситуации ќе играат сите четворица заедно (што според мене е правилно), но не знам колку е правилно за „донот“, кој потроши доста пари за да ги види сите четворица заедно.

Опцијата Златан на клупа е незамислива. Пато исто така со право ужива голем респект на теренот и надвор од него, а Роналдињо штотуку почна да наликува на онај стариот. Робињо е нова аквизиција, која доаѓа во Милан за да покаже дека „кралскиот клуб“ не е врвот на кариерата на секој фудбалер.

Ќе успее ли младиот тренер Алегри да ги држи сите четворица среќни, останува да видиме.
Најнови вести
Видео
Тип 1x2
ТИП 1х2

Контакт | Маркетинг
Copyright © 2009-2012 Sportski [0.0278][75]