
Каратистката Наташа Илиевска, која лани беше прогласена за најдобра спортистка во Македонија, оствари фантастичен успех на Олимписките игри во боречки вештини во Пекинг.
Во конкуренција на осумте најдобри каратистки во светот, Илиевска во Пекинг го освои бронзениот медал за првпат во историјата на македонскиот спорт во сите боречки вештини.
Во борбата за бронзениот медал, Наташа Илиевска со 4:1 ја победи Катерина Стрика.
Настапот во Пекинг, Илиевска го заврши со две победи, две нерешени борби и еден пораз за финалето од Колумбијката која е и првак на Америка.
Бронзата во Кина, за Илиевска, која е вицепрвак на Европа и европска Универзитетска шампионка, е еден од најголемите успеси во нејзината кариера.
Наташа Илиевска е првиот преставник на Македонија кој учествувал на овие Олимписки игри.
Олимписките игри во боречки вештини се одржуваат на секои четири години. На програмата во Пекинг имаше вкупно 13 дисциплини: Карате, Вушу, Кик-бокс, Бокс, Борење, Аикидо, Џудо, Џиу-џицу, Кендо, Мутаи, Самбо, Сумо и Таеквондо.
Наташа Илиевска, ја доби поканата за учество на ова престижно натпреварување како втора на светската карате листа по освоени поени во изминатите 2 години, од настапите на балканските, европските и светските првенства, Златните лиги и најголемите трунири во Европа.