
Мисијата на Рафа во Интер започна по планот, освојувајќи го Суперкупот на Италија против Рома, па така денеска против Атлетико Мадрид ќе го бара вториот трофеј.
Пред натпреварот во финалето против Атлетико, Интер ли е фаворит?
Не, затоа што и претходно сум бил на ова финале и знам дека пред ваков натпревар невозможно е да одредите фаворит. Атлетико има многу подвижни и квалитетни играчи, така што ние треба многу да внимаваме. Ги сретнав во полуфиналето на Лига Европа со Ливерпул, па една грешка не исфрли од тоа натпреварување. Тие имаат силни играчи во нападот, сега направија и баланс во одбраната со нови играчи.
Останувањето на Кике Санчез треба да му помогне на Атлетико да стане подобар?
Се разбира. Кој и тренер да има повеќе години во клубот тоа помага за двостраното разбирање да биде поголемо. Тој е добар професионалец и се надевам дека ќе продолжи добро, но во Примера, не во Суперкупот.
Ја победивте Рома со Раниери, кој ве замени во Валенсија, а сега играте против наследникот на Раниери на Местаља?
Валенсија е интересно место за развивањето на тренерите и добрата работа таму помага. Јас би сакал оваа година да се сретнеме со нив во финалето на Лигата на шампионите, навистина тие се разделија со Виља и Силва, но донесоа добри замени.
Маикон остана во Интер?
Остана затоа што тој е многу важен играч за нас, и претседателот реши тој да остане. Маикон е многу благодарен на Интер, среќен е тука , иако се радуваше на интересот на друг голем клуб. На секој тренинг го гледам среќен.
Овој Интер посилен ли е од минатогодишниот Ливерпул?
Секоја година е различна, Интер и Ливерпул се различни клубови и тоа што се случило минатата година нема големо значење.
Како ја гледате битката во Серија А?
Јувентус се засили многу, Рома малку по малку, Милан исто. Но, трансфер периодот се уште не е затворен. Зборуваме за традиционално големи клубови, така што нема да е лесно да се земе титулата. Тоа што сме биле пет години со ред шампиони ги тера луѓето да не прават фаворити, но ќе биде тешко оваа година. Разликата помеѓу Ливерпул и овде е таа: тоа што си шампион и во секој натпревар влегуваш како фаворит.
Што почувствувавте кога го гледавте Ливерпул во првиот натпревар без вас?
Малку носталгија и болка. Затоа што тоа се многу години. Јас бев многу приспособен на тој град, и многу поврзан за тој клуб и тоа секогаш ќе го имам внатре во себе. За среќа атмосферата и на „Сан Сиро"е многу убава па се надевам на топол прием од навивачите.
Што беше проблемот што заврши вашата етапа таму?
Дојде времето за напуштање. А и повеќе не можев да воспоставам дијалог со тамошните шефови.
Како го оценувате престојот таму?
Исклучителен. Многу сум горд што бев дел од Ливерпул, и дел од срцето ќе ми остане таму секогаш. Премиер лигата е многу убава, а Ливерпул и трибината „Коп" се фантастични.
Значи не го исклучувате враќањето таму?
Се разбира дека сакам многу години да останам во Интер, но ако некогаш треба да избирам се разбира дека ќе го изберам Ливерпул.
Интервјуто е преземено од спортскиот весник Ас.