
Ако успее да го купи Блекбурн Роверс, индискиот бизнисмен Ахсан Али Сајед веднаш ќе донесе големи засилувања. Идејата е да се врати Дејвид Бекам во Премиер лигата.
36-годишниот индиски бизнисмен нуди 300 милиони фунти за сопственоста на Блекбурн. Ако се случи тоа, Сајед планира да потроши дополнителни 80 до 100 милиони фунти за засилувања.
Сајед смета дека Бекам (35) кој не игра во Англија од трансферот од Манчестер Јунајтед во Реал Мадрид пред седум години може да биде од голема помош за амбициозниот клуб.
„Имав 26 години кога почнав да ја следам Премиер лигата. И тогаш навивав за Блекбурн, но поради Бекам го следев и Манчестер Јунајтед. Доколку финансиите тоа ми го дозволат и доколку тоа биде негова желба, би сакал да го доведам во Блекбурн“, вели индискиот бизнисмен.
Бекам моментално е член на Лос Анџелес Галакси со кого има договор до крајот на 2012 година.
Дека ова не се само пусти желби на индискиот бизнисмен потврдија и од Блекбурн преку соопштение во кое се вели дека преговорите се во тек.