
Ждрепката сакаше претставниците на Италија и Германија, односно Шпанија и Португалија да се борат за место во Лигата на шампионите.
Во седиштето на УЕФА во Нион, денес беа извлечени двојките за последното квалификациско коло, во најквалитетното фудбалско натпреварување, Лигата на шампионите.
Групната фаза ќе биде посиромашна за еден италијански или германски претставник, односно Вердер или Сампдорија, кои меѓусебно ќе одлучуваат кој ќе биде патник меѓу најдобрите. Истата судбина ги чека и пиринејците – шпанска Севиља ќе игра против португалска Брага.

Македонскиот репрезентативец Горан Попов со Динамо Киев за противник ја доби екипата на Ајакс. Интерес предизвикува и скандинавската пресметка, Розенборг-Копенхаген, како и соседскиот дуел Спарта Прага-Жилина. Белградски Партизан ќе има тешка задача да избори пласман во групната фаза, бидејќи негов противник е Андерлехт.
Останати двојки: Салцбург-Хапоел Тел Авив, Базел-Шериф, Јанг Бојс-Тотенхем и Зенит-Оксер.
Првите натпревари ќе се одиграат на 17/18. август, реваншите се една недела подоцна. Победниците ќе изборат пласман во Лигата на шампионите, поразените сезоната ќе ја продолжат во Лига Европа.