Ливерпул без ѕвездите – Работнички со надеж за изненадување!
28/07/2010 19:20


Пред историскиот меч со Ливерпул, претставниците на Работнички на прес конференција ги изнесоа своите надежи и желби. Црвените од Енфилд дојдоа со комбиниран состав, без главните ѕвезди!

„Отпечативме 22.000 влезници, сите се нумерирани со специјален жиг и сите се продадени. Нема гратиси, дури и спонзорите си ги купуваа влезниците и очекуваме голема поддршка од трибините. На Ливерпул му се испратени 1.157 влезници, а акредитирани се 80 новинари“, рече спортскиот директор на Работнички, Игор Ангеловски.

Тренерот на клубот Зоран Стратев вети дека фудбалерите ќе одиграат најдобро што можат:

„Пред една недела кога заминавме за Ерменија, ветивме дека ќе се видиме повторно на прес конференција за дуелот со Ливерпул, и ете тоа го исполнивме, но не можам да ветам дека повторно ќе се видиме и по две недели“.

„Ова е голем успех за клубскиот фудбал во Македонија. Ова е успех на клубот, на стручниот штаб, но најмногу на играчите. Имаме одлична евро-сезона, а дуелот со Ливерпул ни дојде како шлаг на тортата. Со овие мечеви се враќа публиката на стадионите, која одамна ја нема во македонскиот фудбал. Конкретно за тимот кој ни доаѓа од Англија не треба да се трошат зборови. Само едно можам да ветам, а тоа е дека играчите ќе го остават срцето на теренот и дека сите ќе одиграат на потребното ниво. Потајно се надеваме на позитивен резултат, а за нас позитивен резултат би било и нерешено. Без разлика во кој состав ќе пристигне Ливерпул ние повторно ќе истрчаме во формација 4-3-3 во нападот со Вандаир, Зе Карлос и Фабио", заврши Стратев.

Капитенот на Работнички Никола Глигоров посакува Ливерпул да игра во најсилниот состав.

„Шансите за позитивен резултат на овој меч ни се минимали, но ние како играчи ќе излеземе и ќе го дадеме максимумот, но и при евентуален пораз во добра игра ќе излеземе со високо кренати глави по последниот свиреж на судијата. Во разговор со соиграчите констатиравме дека ваква позитивна атмосфера во клубот немало никогаш. Атмосферата е на највисоко можно ниво. Ние како играчи сигурно посакуваме Ливерпул во најсилниот состав да допатува во Скопје, бидејќи ова за нас ова е голем меч и меч на кариерата“.

Ливерпул пак, во Скопје ќе настапи без најсилните ѕвезди. Капитенот Стивен Џерард, новата аквизација од Челзи Џо Кол, светскиот првак Фернандо Торес, искусниот дефанзивец Џејми Карагер и Глен Џонсон не се дел од тимот кој ќе се спротистави на нашите Романтичари.

Но и останатите фудбалери што се во Скопје со право го обезбедија епитетот ’фаворити’. Дојдени се новите засилувања Милан Јовановиќ и Дени Вилсон, како и играчите од одбраната Мартин Шкртел, Даниел Агер и Сотиориос Киргијакос, а во средниот ред треба да се покаже Аквилани.

Вака изгледа експедиција на Ливерпул, која попладнево пристигна во Скопје за дуелот со Работнички: Кавалиери, Шкртел, Агер, Ајала, Киргијакос, Аквилани, Лукас Леива, Вилсон, Јовановиќ, Н'гог, Спиринг, Дарби, Шелви, Кели, Еклстон, Хансен, Гулаши, Инс, Амо, Дала Вале.

Од претходно е познато дека влезниците за овој меч се продадени, а по налог на УЕФА вратите на Арената "Филип Втори" во Скопје ќе бидат отворени во 18:20, и ќе се затворат еден час пред почетокот на мечот 19:45.

Најнови вести
Видео
Тип 1x2
ТИП 1х2

Контакт | Маркетинг
Copyright © 2009-2012 Sportski [0.0239][59]