
Легендата на Реал Мадрид, кој од 29 октомври 1994 одигра 741 натпревари за Кралскиот клуб и притоа постигна 323 гола, денеска и официјално го напушти клубот од Сантјаго Бернабе.
Напаѓачот на Реал Мадрид, Раул Гонзалес (33) денес и официјално објави дека си оди од Сантјаго Бернабе во Бундес лигата и Шалке од Гелзенкирхен.

„Ова е тежок ден за мене, најтажен во мојата кариера. Јас сум фудбалер и сакам да играм се додека ми дозволува телото. Сепак, ќе останам верен на Реал. Дадов се што можам за овој клуб“, рече Раул на прошталната прес конференција на која присуствуваше и новиот тренер Жозе Мурињо.

Раул помина 15 сезони во Реал од 1994 година, а Кралскиот клуб му е единствениот во кој настапувал во кариерата и е негов најдобар стрелец на сите времиња.

Токму затоа разделбата тешко му паѓа. „Благодарност до сите. Остварив еден голем сон, играв за Реал Мадрид. Ви благодарам. Хала Мадрид!“, рече иконата на кралскиот клуб а претседателот на Реал Флорентино Перез додаде дека вратите на Реал се секогаш отворени за Раул.