
Катар сака да стане земја домаќин на Светското првенство 2022г., а со визијата што ја претстави за првите пет стадиони што ќе се градат за таа цел е на најдобар пат да го донесе фудбалскиот крем на Блискиот исток.
Катар ги претстави концептите за првите 5 стадиони кои ќе се градат во оваа арапска држава, како дел од кампањата да се добие кандитатурата за СП 2022г.

Ал Шамал – е стадион со 45.120 седишта лоциран на северот од Катар, на брегот од Арапскиот залив. Стадионот е во форма на традиционален рибарски брод. Се очекуваат бројни посетители и од Бахреин кои ќе доаѓаат преку ’Пријателскиот мост’ што ќе ги поврзува овие две земји и кој ќе биде најдолгиот мост на светот.

Ал Кхор – стадион со 45.330 седишта лоциран во североисточен Катар. Ќе има форма на школка, а дел од гледачите ќе имаат можност да уживаат и во поглед на заливот.

Ал Вакрах – стадион со 45.000 седишта лоциран во јужен Катар, ќе биде дел од цел спортски комплекс кој ќе вклучува аква центар, спа зона, спортски терени, повеќенаменска сала и трговски центар. Пред стадионот ќе има плоштад и голем парк.

Изградени стадиони
Ал Гхафара – веќе изграден стадион лоциран близу Доха. Моменталниот капацитет ќе биде дуплиран до 44.470 седишта. Стадионот е со боите на сите земји кои учествуваат во квалификациите, симболизирајќи го пријателството, толеранцијата и почитот меѓу нациите.

Ал Рајан – лоциран 20км северозападно од Доха, овој веќе изграден стадион ќе биде модернизиран со тоа што ќе се удвои капацитетот до 44.740 седишта, а интересно е и тоа што целиот стадион ќе биде со џиновски екран од сите страни на кои ќе се проектираат информации за натпреварите и други интересни содржини.