
Мурињо на Сантјаго Бернабе е доведен со мисија да ја прекине доминацијата на Барселона и по две сушни години конечно да донесе трофеј. Специјалниот за таа цел својата задача си ја сфати мошне сериозно и постави нови правила за ’Кралевите’!
Жозе Мурињо, човекот кој минатата сезона освои три трофеи со Интер, во Мадрид е дочекан како спасител на Кралскиот клуб, а навивачите се уверени дека со него конечно ќе доживеат убави моменти. И португалскиот стручњак е прилично сериозен во таквите намери, па затоа на своите ѕвезди уште на првиот тренинг им ги претстави петте нови златни правила:
1. Кој ќе задоцни на тренинг една минута, нема да вежба со соиграчите, туку сам. Тренингот почнува точно во 9:30.
2. Автобусот не чека никого. Кој ќе пристигне подоцна пред гостувањата нема да патува. Ако треба ќе играме и со човек помалку, вели Жозе.
3. Секој треба да дава максимум од своите сили на тренинзите. Тренинзите ќе бидат интензивни - 90 минути.
4. Повредените фудбалери идат на тренинг еден час пред другите. Лекарите ги прегледуваат и востановуваат дали можат да тренират.
5. Користењето мобилни и музички уреди во клупскиот автобус е дозволено, но на мобилните мора да им биде исклучен звукот, а музиката да се слуша со слушалки.