
116 минути траеше рововската битка за титулата светски првак, а тогаш Андрес Иниеста со прекрасен полуволеј ја разби дотогаш непробојната противничка одбрана. Лалињата го нападнаа судијата барајќи офсајд, но снимката покажа дека нема такво нешто.
Шпанија за првпат во својата историја стигна на светскиот трон, благодарение на голот на Андрес Иниеста во 116 минута. Така, европските прваци станаа и светски, а Холанѓаните останаа трагичари губејќи и во своето трето финале.
Ова беше и најгрубото финале со 13 жолти и еден црвен картон, а Шпанија стана првиот светски првак кој постигна помалку од 10 гола.
Првото полувреме не беше достојно за финале на СП, се играше премногу грубо, во што предничеа Холанѓаните, за што добија неколку жолти картони, а само една шанса, која во 4 минута ја имаше Рамос, но Стекеленбург одбрани.
Второто полувреме понуди сосема подруга слика, дури четири стопостотни шанси за гол и десетина полуприлики. Арјен Робен сигурно ќе ја памти 61 минута, кога излезе сам пред Касиљас, но шпанскиот голман одбрани со нога.
Во 70 минута Виља имаше шанса да стане најдобар стрелец на првенството, но неговиот удар од два метри, го одбрани Хаитинга. Седум минути подоцна Рамос можеше да го повтори херојскиот подвиг на Пујол од полуфиналето, но непречен од пет метри со глава биеше над голот. Во 83 минута Робен повторно излезе сам пред голот, но беше неодлучен и Касиљас повторно излезе победник.
Касиљас по мечот, и дава интервју, на неговата девојка, новинарката Сара Карбонеро.
По првите 90 минути, во петтата минута од продолжението херој можеше да стане Фабрегас, но и тој заврши како Робен. Две минути подоцна Матијсен беше највисок во скокот, но наместо празниот гол го погоди третиот ред од трибините.
Судијата Веб, кој и покрај грубите стартови не се реши да покаже црвен, сепак во 109 минута по 10 жолти го исклучи Хeитинга кој со раце го запре Иниеста кој тргна сам пред гол.

И тогаш, шест минути пред крајот, Фабрегас со одлична топка го пронајде Иниеста, кој со прекрасен удар го разби Стекеленбург и постигна гол вреден светски трофеј.