
Поранешниот фудбалер на Барселона, кој од пред неколку дена е ново засилување за Манчестер Сити стана најплатен фудбалер со неделна плата од неверојатни 220.000 фунти!
Новото засилување на Манчестер Сити, Јаја Туре е најскапиот фудбалер во англиската Премиер лига, тврди ’News of the World’.
27-годишниот репрезентативец на Брегот на Слоновата Коска дојде во составот на ’граѓаните’ минатата недела откако оваа екипа се согласи да плати 24 милиони фунти на шпанскиот шампион Барселона и плус 6 за неговиот агент, односно вкупно 30 милиони фунти.
Според весникот, Туре ќе добие 55,6 милиони фунти за петте години кои треба да ги помине на ’Сити граунд’ во Манчестер - ќе има неделна плата од 185.000 фунти, но оваа сума ќе достигне и до 221.000 фунти – плата што не ја земаат ниту Кристијано Роналдо и Лео Меси.
Надвор од овие пари во договорот има клаузула според која може да добие дополнителен бонус од 823.000 фунти за секој пласман на Манчестер Сити во Лигата на шампионите. Исто така може да добие и пари за неговиот личен договор во висина од 1,6 милиони фунти.
Покрај тоа, Туре ќе добие и дополнителен бонус од 412.000 фунти доколку неговата екипа победи во Лигата на Шампионите и Премиер лигата како и ФА купот на Англија.
Во Манчестер Сити Јаја Туре ќе игра заедно со неговиот брат Коло, а тој е третото големо засилување за составот на Роберто Манчини по доаѓањето на Давид Силва од Валенсија и Жером Боатенг од Хамбургер.
По овие бројки се поставува прашањето – дали фудбалерот кој лани одигра само 16 првенствени натпревари вреди толку многу?