Техничката комисија на ФИФА донесе одлука првиот гол на Холандија на мечот против Бразил да му го впише на Весли Снајдер, иако првично беше запишан како автогол на Фелипе Мело. Снајдер во 53 минута упати центаршут кон голот на Цезар, Мело малку ја допре топката и таа влезе во мрежата на Бразил.
Ваквата одлука ФИФА ја донесе по деталните анализи, кои утврдиле дека стрелец на голот треба да биде Снајдер, кој воедно го постигна и вториот гол против Бразил.

Со овие два погодоци Снајдер има вкупно четири и се искачи на делба на второто место на листата на стрелци со Гонзало Игуаин, Роберт Витек, Томас Милер и Мирослав Клосе.
Снајдер веќе на полуфиналниот натпревар против Уругвај ќе има можност да напредува на листата на стрелци. На чело на листата на стрелците со пет постигнати голови се издвои Шпанецот Давид Виља.