
По драматичните 120 минути, во кои и двата тима имаа свои шанси пресуди 121 минута. Во последните секунди Гијан промаши пенал, кој можеше да ја одведе Гана до највисокиот успех во историјата. На крајот Уругвај беше поуспешен од белата точка.
Уругвајците подобро го почнаа мечот, доминираа на средината на теренот, но само до противничкиот шестнаесетник каде неприкосновена беше одбраната на Гана. Најдобрата шанса ја имаа во 26 минута, откако Суарез одлично биеше, но Кингсон исфрли во корнер.
Во завршницата од првото полувреме се повреди уругвајскиот капитен Диего Лугано, кој во 38 минута мораше да биде заменет од Скоти, што целосно ја деконцентрираше одбраната на јужноамериканците, па Гана се повеќе се закануваше, а како резултат дојде и голот на Мунтари од 30-тина метри во последните мигови од првиот дел.
По 15-те минути пауза, Уругвајците се консолидираа и многу брзо израмнија. Пантсил со прекршок го запре Фусиле на 20-тина метри од левата страна, а Диего Форлан од слободен удар постигна прекрасен гол, по грешката на голманот Кингсон.