
„Сите сме ужасно тажни. Никој не очекуваше пораз, особено откако првото полувреме го одигравме одлично“, изјави Дунга по испаѓањето од СП, додека неговиот колега ’мудруваше’. „Пред почетокот од СП реков дека овде сме по првата титула светски првак и сите ми се смееја. Дали уште ви е смешно?“, ги праша критичарите Берт ван Марвијк.
Бразил повторно, како и пред четири години против Франција, беше запрен во четвртфиналето. Иако во првиот дел ја имаа контролата, петкратните светски прваци во вториот дел се распаднаа, примија два гола, направија црвен картон и во очај испаднаа од турнирот.
„Сите сме ужасно тажни. Никој не очекуваше пораз, особено откако првото полувреме го одигравме одлично. Понатаму изгубивме ритам“, изјави разочараниот Дунга, кој ќе ја напушти репрезентацијата откако му истече договорот, додека бразилскиот голман Жулио Цезар тешко пронаоѓаше зборови:
„Тажни сме и разочарани, но ова не е крај на светот. Се` пробавме, но не одеше. Знам дека во нашата татковина секогаш очекуваат победа, но Јужна Африка можеме да ја напуштиме со кренати глави“, смета Цезар.
Холанѓаните конечно по 12 години се пласираа меѓу четирите најдобри во светот, откако во 1998 во полуфиналето изгубија токму од Бразил.
„Бев среќен што по почетните 20 минути имавме само еден гол минус. Бразил опасно се закануваше и имавме и малку среќа. Но, тогаш знаев дека не е се изгубено. Момците покажаа победнички карактер и потоа одигравме одлично. Пред почетокот на СП реков дека овде дојдовме да ја освоиме првата титула светски првак и сите ми се смееја. Дали се уште ви е смешно?“, изјави холандскиот селектор Берт ван Марвијк, а играчот на мечот Весли Снајдер додаде:
„Иако на полувремето губевме со 0:1, знаевме дека имаме шанси. Во вториот дел излеговме на терен и дадовме се` од себе. Покажавме големо заедништво и заслужено победивме. Го поразивме големиот Бразил и се пласиравме меѓу четирите најдобри тимови на светот, што е голем резултат. Но, пред нас се уште два натпревари и мораме да се концентрираме на нив“, смета Снајдер.