Очекувано, ФИФА и одреди 48-часовен ултиматум на Нигерија, во кој владата ќе мора да ги повлече сите политички одлуки со кои директно се меша во фудбалот.
По најавите од нигериските власти, дека ќе ја суспендираат репрезентацијата и ќе направат низа реформи во фудбалската федерација, се огласи ФИФА, која има стриктно правило со кое најстрого се забранува мешање на политиката во работата на локалните фудбалски сојузи.
„Доколку владата не ги повлече своите одлуки, ќе мораме да ја суспендираме Нигерија од сите активности. Одлуката ќе ја донесеме за 48 часа“, изјави генералниот секретар на ФИФА Жером Валке (на сликата).
Нигериската влада именуваше посебна комисија, која ќе има задача да го реорганизира фудбалот, откако претседателот на државата Џонатан Гудлак незадоволен од настапот на Светското првенство и забрани на репрезентацијата две години да игра.
Долниот дом на нигерискиот парламент во меѓувреме донесе резолуција со која го моли претседателот да ја повлече својата одлука.
Претходно ФИФА ја предупреди и Франција дека може да се соочи со суспензија, поради мешање на политиката во фудбалот, откако највисоките политички личности отворија истрага за фијаското на репрезентацијата на Мундијалот.