
Еден од најдобрите португалски фудбалери во минатата деценија Деко соопшти дека повеќе нема да игра за националната селекција.
„Од лични причини повеќе нема да настапувам за репрезентацијата, но Португалија секогаш ќе остане во моето срце“, изјави Деко.
32-годишниот Бразилец, кој португалскиот пасош го доби пред осум години, за репрезентацијата на Португалија одигра 75 меча и постигна пет погодоци. Најголеми успеси му беа второто место на ЕП 2004 и четвртото на СП 2006.
На Мудијалот во Јужна Африка настапи само на еден меч и тоа на отворањето против Брегот на Слоновата коска.
Откако му заврши договорот со Челзи, кариерата најверојатно ќе ја продолжи во бразилски Флуминенсе.