
Некогашниот великан на светскиот фудбал, Холанѓанецот Јохан Кројф смета дека она што го покажува Бразил на Светското првенство во Јужна Африка е досаден фудбал и дека никогаш не би платил влезница за да ги гледа.
И покрај победата од 3:0 против Чиле која ги однесе избраниците на Дунга во четвртфиналето на дуел со репрезентацијата на Холандија, Кројф не беше импресиониран од тоа што го видел.
„Никогаш не би платил билет за да ја гледам оваа репрезентација на Бразил. Се прашувам каде на овој Мундијал исчезна бразилската игра која сите ја познаваме. Се сеќавам на играчи како што беа Жерсон, Тостао, Фалкао, Зико или Сократес. Сега ги гледам Жилберто, Мело, Бастос и Баптиста“.
„Каде е нивната магија? Неможам да сфатам зошто Дунга одбра некои поединци и каде е плејмејкерот на екипата или воопшто вештината во средниот ред. Мислам дека ниеден гледач не би платил влезница за нив. Воопшто не се посебни, не се истакнуваат од другите“.
„Вистина е дека Бразил има талентирани играчи, но исто така точно е дека играат дефанзивен фудбал и дека не се возбудливи за гледање. Штета за навивачите и за самиот турнир“, заврши Кројф пред мечот в петок во кој неговата Холандија се среќава со петкратниот првак.