Видео: Германска лекција за Гордиот албион
27/06/2010 18:33



Иако на Англија и беше поништен чист гол, Германците и одржаа вистинска лекција по модерен фудбал. Дури и Капело не успеа да го прероди Гордиот албион, кој со наведната глава ја напушта Јужна Африка.

Средбата од осминафиналето меѓу Германија и Англија очекувано понуди спектакл, а Трите лава и овојпат го напуштаат натпреварувањето во солзи, бидејќи беа поразени со 4:1 од големиот ривал.

Англичаните делуваа незаинтересирано, уморно, впрочем исто како и на минатите средби од натпреварите по групи. Наспроти нив, играчите на Јоаким Лев уште од почетокот тргнаа одлучно и мотивирано, што резултираше со рано водство и тоа од 2:0.

Прво во 20 минута, Нојер дегажираше од својот гол, топката дојде до противничкиот 16-ник каде Клосе беше поуспешен од неговиот чувар Апсон и биеше прецизно за 1:0. Во 31 минута Германците имаа стопостотна шанса од која Клосе можеше да го зголеми водството, но Џејмс од ситуација ’еден на еден’ излезе како победник. Но, затоа во следниот напад Подолски беше поуспешен по асистенцијата на Милер и постигна гол за 2:0.

Тоа како да делуваше освестувачки за Англичаните, кои веднаш потоа го намалија резултатот по ударот со глава на Апсон. Англија тргна силовито, израмни преку Лампард веќе во 38 минута, но судијата Жорге Ларионда и неговите помошници изрежираја кражба за која долго ќе се зборува.

Фудбалерот на Челзи и во 52 минута од слободен удар ја погоди пречката, додека во 62 минута Милнер шутираше право во Боатенг.









И потоа во 67 минута следуваше дебакл. Германците изведоа одличен контранапад, Швајнштајгер го проигра Милер кој го проби голот на Џејмс. Три минути подоцна Германија падна во делириум откако истиот играч го постигна својот втор гол, односно четврти за Германија.


Германија долго ќе ја слави една од најслатките победи над лутите ривали и во четвртфинале ќе игра против Аргентина.
Најнови вести
Видео
Тип 1x2
ТИП 1х2

Контакт | Маркетинг
Copyright © 2009-2012 Sportski [0.0846][66]