Атлетико ја испиша првата страна на Лига Европа
13/05/2010 00:53

Екипата на Атлетико Мадрид е првиот освојувач на Лига Европа. “Јорганџиите“ во еден тврд и не многу атрактивен натпревар успеа преку продолженија да стигнат до нивниот втор трофеј во европските натпреварувања.


Најзаслужна за овој триумф е напаѓачката двојка Серхио Агуеро и Диего Форлан. При постигнувањето на двата гола Аргентинецот асистираше, а Уругваецот прецизно стрелаше.



Тоа беше еден многу цврст дуел, во кој и двете екипи како да запoчнаа со голем грч пред се заради важноста на натпреварот, но и заради неискуството во ваквите големи средби. Затоа и Атлетико беше тој што имаше контрола на играта. Тимот од Мадрид има искуство од големи средби играјќи во ЛШ претходните години.


Форлан имаше голема можност уште во 11-та минута кога при едно одлично уфрлање од Агуеро ја погоди само стативата од голот на Шварцер. Доминацијата Шпанците ја искористија во 32-та минута. Рејес направи одличен продор по десната страна, топката преку Симао стигна до Агуеро кој со глава си ја местеше за волеј кој и не го зафати баш најдобро, но топката случајно стигна до Форлан кој беше во налет и успеа да погоди за 1-0. Мора да се напомене дека најверојатно Уругваецот беше милиметри во офсајд, т.е телото му беше, но не и нозете.


По голот Атлетико како да се изненади и настана мала паника и тоа го искористија Англичаните. По една соло акција на Замора во 37-та минута, топката стигна до Гера, овој нафрли, топката непотребно со глава малку ја зафати Асунсао, ја допре толку колку што е потребно да му ја намести на Сајмон Дејвис за волеј, кој играчот на Фулам го изведе перфектно за изедначување од 1-1.


До крајот на првиот дел, Шпанците притиснаа и последните 7-8 минути се играа во шеснаесетникот на Шварцер, но ништо посериозно.


На стартот од вториот дел, во почетните 15-тина минути иницијатива имаа Фулам. Во тие моменти ја создадоа и најдобрата своја шанса, повторно панична реакција, овој пат Лопез намест да ја исфрли топката длабоко во поле тој му асистираше на Дејвис на 12-13 метри откосо и повторно за волеј, но овој пат Де Геа фантастично интервенираше. До крај и ништо посебно не се случуваше, тоа значеше и продолженија.


Во нив Атлетико повторно доминираше, “јорганџиите“ имаа фантстична можност во 105-та минута, но Салвио и Агуеро не се снајдоа во петерецот на Фулам и оваа шанса пропадна во вода. Триумфот на Атлетико дојде во 116-та минута, Агуеро по кој знае кој пат одлично проби по десната страна, силно по земја ја уфрли топката во петерецот, на неа налета Форлан и со мала помош на Хангеланд успеа да го совлада Шварцер з огромна радост на сите фанови на “црвено-белите“. До крај Фулам немаше сили за нешто повеќе.


Ова е втора титула за Атлетико во европските натпреварувања, претходно во 1961/62 го освоија купот на победници на куповите. Фулам не успеа во своето прво европско финале кое го чекаше 100 години да го освои трофејот, но и финалето беше огромен успех за овој просечен англиски тим.






Најнови вести
Видео
Тип 1x2
ТИП 1х2

Контакт | Маркетинг
Copyright © 2009-2012 Sportski [0.1101][91]