Тимот на Баерн Минхен со победата во претпоследното коло од Бундеслигата го реши прашањето околу тоа кој ќе биде шампион. Баварците ќе го наследат Волфсбург кој по освојувањето на историската титула за следната сезона нема ни да избори настап во Лига Европа.

Со победата од 3:1 против Бохум, баварците си ја осигураа својата 21 титула во Бундеслигата. Тие имаат три поени предност и +17 гола во однос на второпласираниот Шалке.
За победата на Баерн на Алианц Арената се погрижи младиот Томас Милер кој постигна хет трик, додека голот за гостите го постигна Фухс.
Второпласираниот Шалке испадна од трката за титулата откако беа поразени на домашен терен од тимот на Вердер Бремен со 0:2. Стрелци за Вердер беа Озил и Aлмеида. Овие две екипи се и најсериозни кандидати за ЛШ следната сезона т.е Шалке веќе си обезбеди пласман, а за квалификациите ќе се борат Вердер, Леверкузен и Дортмунд.
На коло пред крајот во Бундеслигата, веќе е познат и првиот тим кој ќе го напушти елитното германско друштво и ќе се пресели во втората Бундеслига, а тоа е тимот на Херта кој од 33 кола има само 24 поени.
За Баерн, ова ќе биде 21 титула во Бундеслигата или 22 во Германија. Тие се убедливо најтрофеен тим во Германија.
Пред нив остануваат уште два предизвици, финале во Германскиот ’ДФБ‘ Куп против тимот на Вердер и финале во Лигата на Шампионите против Интер, со што имаат шанса да станат првиот германски тим кој ги обединил сите три титули.
Спортски/ Таратур