Барселона тотално надмудрена од Интер
21/04/2010 00:17

Интер одигра одлични 70 минути на домашен терен и сосема заслужено си обезбеди убедливи 3-1 против бранителот на титулата, Барселона. Мурињо успеа да ги запре Меси и Чави и со тоа да ја умртви играта на Барселона. Се виде колку само недостасуваше Иниеста.


Барселона започна малку подобро од Интер, на Нероазурите им беше потребно малку време да се адаптираат на формацијата и да се вклопат во задачите кои им ги задал Мурињо, а тоа беше удвојување и утројување на Меси и Чави. Затоа и буквално заборавија на Максвел и го оставија левиот бек на Каталонците сосема сам да пробие по левата страна да стигне до петерц, да нафли по земја до Педро кој од 10-тина метри од средината на голот рутинирано го совлада Цезар за 1-0.


Во тие моменти сите веќе и запишаа нова победа на Барселона и го отпишаа Интер, но тој гол апсолутно ништо не промени во пристапот на Нероазурите, напротив уште повеќе ги мотивираше. Во тие моменти на притисок Диего Милито имаше две убави шанси (едната беше при 0-0) за израмнување, но Аргентинецот беше непрецизен во двата обида, а веднаш по примениот гол Луисо со глава не пречен од никој промаши цел гол.



Сепак Интер успеа да израмни во 29-та минута. Ето по земја нафрли од десната страна, Милито ја смири на 6-7 метри од голот на Валдес, откако ги навлече сите дефанзивци на себе го проигра Снајдер кој беше осамен и Холанѓанецот лесно погоди за 1-1.


Само што започна вториот дел во 48-та минута Интер зголеми на 2-1. Меси загуби една топка на средината на теренот се разви контра која започна од Пандев кој прекрасно во празно го пронајде Милито, Агрентинецот не себично го проигра Маикон кој одлично се снајде и со врвот на копачката го совлада Валдес.


13 минути подоцна Милито погоди за 3-1. По нафрлувањето на Ето, Снајдер не ја зафати таа топка накдобро, но “принцот“ ја следеше таа топка и со глава ја закова во мрежата на Валдес. Според снимките најверојатно Аргентинецот беше во офсајд.


Потоа Мурињо направи две грешки, од игра ги извади Пандев и Милито и немаше кој да ја задржува топката во своите нозе и да организира контри на домаќините, па затоа и Барселона имаше апсолутна доминација до крај. Создадоа неколку шанси кои Пике и Меси не ги искористија т.е Цезар одбрани одлично.


Барселона може имаше иницијатива, но таа беше јалова и сите напади на Интер беа многу поконкретни од оние на Каталонците. Меси апсолутно и не се виде на теренот, Занети и Камбјасо си завршија фантастична работа. Тројца аргентински репрезентативци беа задолжени за нивниот најдобар фудбалер. Чави не можеше сам во средина, Бускетс и Кеита се далеку од квалитетите на Иниеста, па затоа и Меси играше како организатор, но беше немоќен против одбраната на Интер. Ибрахимовиќ не ни ја допре топката цел натпревар. Даниел Алвес одигра уште еден катастрофален натпревар, како во одбрана, така и во напад. Поддршката на бековските позции е нешто што многу недостасува за разлика од ланската сезона.


Се на се Интер покажа дека може да игра на највисоко ниво кога има потреба од тоа, а Каталонците покажаа дека се далеку од формата која ја прикажаа во ланската сезона и сезонава се вадат само на поединци, со исклучок на неколку средби.


Не очекува многу возбудлив реванш, но Мурињо ако нешто знае, тоа е да задржи предност здобиена на домашен терен. За него предност е првиот дуел да го игра на домашен терен, но и Каталонците покажаа дека на реваншите играат сосема поинаков фудбал отколку на гостувањата. Затоа и ништо не е завршено во оваа пресметка.  






Најнови вести
Видео
Тип 1x2
ТИП 1х2

Контакт | Маркетинг
Copyright © 2009-2012 Sportski [0.0299][22]