Арсенал - Порто (вто. 20:45)
Ова треба да биде најнеизвесниот натпревар за оваа недела во ЛШ. Порто многумина го сметаат за аутсајдер во оваа пресметка, но сино-белите оваа сезона во ЛШ покажаа дека се фантастичен тим, а тоа и го докажаа на првата средба.
Може неферски го постигнаа голот кој им донесе победа од 2-1, но дека заслужија да победат тоа е повеќе од сигурно. Во ниту еден натпревар од ЛШ оваа сезона не беа во подредена улога. Веќе имаат искуство со играње во Лондон и тоа против Челзи. На тој дуел одиграа одличен натпревар и “сините“ многу среќно дојдоа до 1-0 победа.
Арсенал и не игра добро на гостувањата сезонава, но дома е одличен. Особено импресивно беше нивното издание против Барнли викендов во Премиер лигата, но Барнли и Порто не можат да се споредуваат. После подолго време во игра се за титулата во Англија. Се наоѓаат на два бода зад Јунајтед.
Во првенството “змејовите“ за прв пат после сезоната 2001/02 не се во топ 2 екипите и се во мала криза, но тоа е само заради фактот што максимално се посветени на ЛШ.
Добрите вести за Венгер се што Аршавин се враќа во составот по повредата, но лошите се повредата на Фабрегас. Шпанецот по се изгледа нема да настапи на оваа средба и тоа е огромен хендикеп за “топџиите“. За разлика од првиот дуел сега на голот ќе биде Алмунија, значи ќе го нема виновникот за поразот голамнот Фабијански. Исто се враќаат и Едуардо и Алекс Сонг, а тоа значи “талентот“ Бендтнер ќе седи на клупа и нема да ги нервира фановите. Повредени се Галас, Џуру, Ван Перси, Рамзи и Гибс.
Од друга страна тренерот на Порто Фереира нема некои поголеми проблеми со повредени фудбалери. Исто како и во претходниот дуел ќе отсуствуваат Ернесто Фариас и Диего Валери. Тоа значи дека во најдобар состав пристигнуваат на Емирати. Халк и Фалкао треба да бидат играчите кои ќе се обидат преку контра напади да го загрозат голот на Алмунија. Средината ќе мора да биде на ниво на претходниот дуел, значи Миралјес и Белуши мора да ги запираат нападите на домаќините.
Многу лоша е традицијата за Арсенал во пресрет на овој натпревар. “Топџиите“ само еднаш во девет обиди успеале да се пласираат во следната фаза откако загубиле во првиот натпревар. Додека на Порто последните два пати кога имале предност дома се пласирале понатаму. Сепак факт е дека Порто и нема постигнато гол против Арсенал на гости, Англичаните на два пати победувале со 4-0 и 2-0.
Средината ќе го реши натпреварот, Насри, Росицки, Волкот, Сонг и Дијаби мора да одиграат на ниво и да го предводат тимот до четвртфиналето. Венгер не смее да го игра Бентднер како стартер и ќе треба да почне со Аршавин и Волкот или некаква комбинација со Едуардо. Кемпбел е лоша опција за централен дефанзивец затоа што Порто ќе игра преку него, а контри преку таков ветеран се идеална работа за еден тим.
Тип: Ќе биде многу тешко за Арсенал, особено ако играат без Фабрегас. Поразот од првиот дуел може да биде кобен. Порто се многу цврста и компактна екипа, а Арсенал тешко игра против такви екипи. Навистина се одличен состав и ако одиграат како против Челзи во Лондон сигурно одат во следната рунда. Арсенал оди понатаму само ако не прими гол, но тешко дека ќе се случи тоа со Кемпбел во одбраната, Халк ќе му го “врти паметот“. Порто оди понатаму.
Фиорентина - Баерн Минхен (вто. 20:45)
Фиорентина со судиска одлука загуби на Алијанц Арената и тоа може да биде клучно. Во 89-та минута беше признат гол од чист офсајд на Клосе. Норвешкиот судија призна, но резултатот остана.
Може пораз од 2-1 и не е така лош резултат за состав кој треба да игра реванш дома, но за тим кој моментално се мачи да се пронајде себеси и има огромни проблеми во нападот е многу неповолен резултат. Ќе им биде потребно издание како тоа против Ливерпул дома за да се пласираат во следната рунда.
“Виолетовите“ се во очајна форма, 3 дуели без победа, една единствена во последните 10 средби во сите конкуренции. Тоа е огромен пад во формата за тим кој имаше само еден пораз и пет победи во фазата по групи.
Баерн пак од друга страна ја преболуваат стартната криза и најпосле и допреа до лидерската позиција во Бундеслигата. Имаат серија од 18 мечеви без пораз. Победата над Јувентус во Торино кога имаа директна пресметка за место во елиминационата фаза ги препороди. Сличен таков епилог се очекува и на овој натпревар.
Прандели нема да смета на централниот дефанзивецМасимо Гоби кој доби црвен картон на првиот дуел, но добрите вести се дека нивниот најдобар играч сезонава Варгас е опоравен и подготвен за игра. Муту не е во комбинација заради проблемите со дрогата, па Јоветиќ ќе добие шанса да биде органзатор на нападите. За разлика од првиот дуел и Кристијано Занети е на располагање. Со исклучок на Гоби, Фиорентина на располагање ќе го има најсилниот состав. Монтоливо, Варгас и Јоветиќ ќе треба да бидат на најдобро можно ниво за да се забележи победа.
Кај Луис Ван Гал проблем ќе биде само неиграњето на Мартин Демикелис. Другиот дефанзивец Ван Бујтен се опорави побрзо од очекуваното, а во составот се враќа и Арјен Робен кој поради настинка не играше против Келн. Во нападот Гомез најверојатно со Олиќ, а во позадина со топки ќе треба да ги хранат Рибери и Робен.
Тип: Баерн сигурно оди понатаму. Фиорентина нема капацитет за да ги помине Баварците. “Виолетовите“ ќе мораат да нападнат, а тоа значи и премногу слободен простор за Робен и Рибери. Италијанците имаат шанса, само ако одиграат фуриозно на почетокот и во првите 20 минути постигнат гол. Секое одложување да нападнат ќе значи и помали шанси за четвртфинале.