После подолга пауза продолжуваме со интервјуата со нашите најдобри фудбалери. Овојпат во оваа рубрика ја имаме 10-ката на Работнички Душан Савиќ, еден од најдобрите фудбалери во нашето првенство и македонски репрезентативец.
Душан Савиќ е роден во Ниш на 1 Октомври 1985-та година. Својата кариера ја започнува во Дубочица од Лесковац. На 17 годишна воздраст доаѓа во Беласица и беше дел од одличната генерација на Струмичани. После две сезони заминува во Победа. Со Прилепчани ќе ја освои првата титула во сезоната 2003/04. Во 2006-та преминува во нашиот најтрофеен клуб Вардар каде ќе биде до летото 2008 кога ќе премине во Работнички за кого настапува и денеска. Има освоено еден куп со Работнички во миантата сезона, а досега има и два натпревари за репрезентацијата. Дебитираше против Нигерија кога на Градски одигравме 0:0 тогаш под раководство на Катанец. Вториот натпревар му беше оној последниот пријателски со Катар.
- Помина веќе 1/3 од првенството, Работнички без пораз на врвот на табелата во 1 МФЛ. Колку вие го очекувавте овој старт, со оглед на тоа дека главни фаворити пред стартот на првенството беа Македонија ѓ.П и Ренова?
Савиќ: Не би се сложил со тоа, затоа што ние заедно со Ренова и Македонија Ѓ.П бевме главни фаворити за титулата на стартот. Мислам дека пред се играме одличен напаѓачки фудбал, а за тоа највеќе говорат нашите резултати. Сигурно покажавме најмногу во овој дел од првенството.
- Дали новата концепција која ја применува Стратев е главната причина за одличните резултати?
Савиќ: Стратев е сигурно еден од најдобрите тренери во Македонија и се разбира дека тој како и сите други е заслужен за овие резултати. Мислам на управата, тренерите и се разбира нас играчите. Секој си го работи својот дел одлично.

- Моментално си втор стрелец во лигата со 8 погодоци на 1 гол помалку од твојот тимски колега Боби Божиновски. Како се чувствуваш?
Савиќ: Нормално е одлично да се чуствувам, но зад сите наши индивидуални резултати е заслужен тимот, бидејќи само тимската игра ги исфрла поединците на површина.
- Какво беше чувството кога дозна дека нема да бидеш дел од Вардар при доаѓањето на Трифун, а како гледаш не сето тоа денес, бидејќи знаеме дека Вардар полека исчезнува од фудбалската мапа?
Савиќ: Како прво воопшто и не беше прашањето дали останувам во Вардар. Ставот на сите оние кои си заминавме од Вардар беше дека си одиме. Сепак еве оваа прилика ќе ја искористам да им посакам на Вардар што побрзо да се вратат во врвот на македонскиот фудбал, таму каде што всушност и им припаѓаат.

- Некако лоша среќа ги прати клубовите во кои си настапувал, но затоа пак ти напредуваш после заминувањето од кај нив. Откако си замина од Беласица, Струмичани се преселија во 2 лига, си замина од Победа, клубот е во голема криза, си замина од Вардар, исто и тие се во најголемата криза што досега ја имале. Треба Работнички добро да се замисли пред да те продаде?
Савиќ: Хахаха... Навистина интересно прашање, никогаш не сум размислувал за тоа. Јас поминав прекрасни години во сите овие клубови. Реално додека бев јас таму тие веќе беа во криза, а јас само го почувствува тоа и си заминав во вистински момент. Работнички е сигурно најорганизираниот клуб во Македонија во секој поглед и сигурен сум дека во него нема да има никаква криза.
- Кога сме кај продажба. Има ли заинтересинаронст за тебе од некои клубови од страна? Се шпекулираше твое заминување изминатото лето во Бугарија, имаше вистина во тоа и дали се уште постои тој интерес?
Савиќ: Моментално има многу комбинации и се водат веќе некои преговори. Има нависитна многу понуди и се надевам како и досега ќе ја одберам онаа вистинската и ќе напредувам. J Што се однесува до бугарскиот интерес, преговорите и понатаму траат, а за некои други земји не би зборувал многу иако како што кажав има прилично многу интересни понуди.
- Имаш една титула со Победа, размислуваш да останеш со "романтичарите" до крајот на сезоната за да се бориш за втората или уште во зимскиот преоден рок ќе ја расипеш одличната напаѓачка тројка Вандаир-Савиќ-Божиновски?
Савиќ: Да веќе имам една титула со Победа и иеден куп лани со Работнички, но сега сме на добар пат да ја освоиме двојата круна. Сега за сега размислувам само за Работнички, но ако има некоја екстра понуда би си заминал, тоа би било добро и за клубот, но иза мене. Има многу квалитетни млади фудбалери тука кои ја чекаат својата шанса, пред се мислам на младиот Филип Петковски кој ја користи секоја шанса што му се пружа.

- Со оглед дека ќе бидеш од плановите на Јонуз за репрезентативните настапи, сметаш дека ќе имаш поголеми шанси ако играш настрана во било кој клуб или ако останеш во Работнички и продолжиш со оваа фантастична форма?
Савиќ: Да, да сигурно мислам дека можам многу повеќе да напредувам во странство бидејќи овде кај нас се игра преспор фудбал што не е случај во останатите првенства.
- Која беше твојата реакција кога Јонуз го соопшти твоето име за дуелот со Катар, со оглед дека претходно ретко добиваа шанса фудбалери од домашното првенство? Очекуваш ли позив за престојните средби со канада и Иран?
Савиќ: Па за секој фудбалер сон е да игра за репрезентацијата. Тоа е огромна чест за мене и слекторот Јонуз сигурно знае што прави со повикувањето на млади фудбалери од македонското првенство. Да бидам искрен очекував позив, бидејќи играв одлично оваа сезона, исто како и мојот клуб.
Веќе добив повик за престојните два натпревари со Канада и Иран и тоа ќе биде мотив плус за да тренирам и да играм уште подобро.
- Кои се твоите видувања за претходните квалификации и кои се очекувањата за престојните? Имаме ли ние состав за да се најдеме на едно големо натпреварување? Кои се потребните услови за тоа?
Савиќ: Па мислам дека можевме многу подобро да поминеме во претходниот циклус, но едноставно немавме среќа на некои натпревари, а верувајте среќата е многу потребна.
За следниот циклус сигурно дека имаме шанси. Потребна ни е среќа во ждребот, а најпотребно е да веруваме во самите себе. Во Македонија има многу квалитетни играчи, а и во фудбалот се е можно, има многу изненадувања, па квалитетот не мора да биде пресуден. Потребна е само добра атмосфера, голема желба и борбеност и се разбира повторно среќа и резултатите сигурно ќе дојдат.
- Што е тоа што најмногу ни недостасува во нашата лига за да се извече максимумот од нашите фудбалери, кои несомнено се прилично талентирани?
Савиќ: Најголемиот проблем ни е недостатокот на квалитетни натпревари во македонското првенство, а се разбира мора да се подобрат и очајните услови кои ги имаме за играње. Треба да се оди чекор по чекор.
Немаме ниту еден комплекс терени во државата. Потребни ни се многу поголеми буџети на клубовите и ќе треба уште многу други работи да се поправат за да тој квалитет и талент исплива на површината .
- Твои претпоставки за тоа кој ќе се радува на крај на титулата во МФЛ?
Савиќ: Има уште многу мечеви до крајот, но цврсто сум убеден дека ние ќе бидеме оние кои на крајот ќе се радуваме на титуалта.

- За крај, каде се гледаш ти за 5 години? Кои се товите соништа, нешто за кое многу ќе се каеш ако не ти се оствари? Омилен клуб и кој е твојот идол?
Савиќ: Мој голем сон е некој ден да играм во Шпанија или Италија. Се надевам дека ќе ми се оствари т.е верувам дека ќе ми се оствари.
Омилен клуб ми е Реал Мадрид, а за играч немам некој посебно. Кога бев помлад идол ми беше Предраг Мијатовиќ.
Му благодариме на Душан Савиќ што ни излезе во пресрет за интервјуто. Му посакуваме уште многу голови во противничките мрежи, дали во дресот за Работнички или за некој друг клуб од странство. Се разбира успех и голови за македонската репрезентација и што поскоро да го гледаме во Серија А или Примера како што посакува.
П.С. Интервјуто беше правено пред да биде изиграно 12-то коло во домашното првенство, тогаш лидер се уште беше Работнички, а Дуле беше со 8 гола.
gringo/sportski.mk