Во останатите два четвртфинални натпревари во неизвесни завршници Грција и Словенија се пласираа во полуфиналето кое ќе се одржи денес.

Во првиот дуел Грција по продолженијата ја совлада Турција. Ова дефинитивно беше најинтересниот дуел на Европското првенство. Најпрво Ендер Арслан беше спасителот а Турците, тој во последната сеунда погоди за 65:65 и се избори за продолженија. А во нив видовме се. Плејмејкерот на нашиот јужен сосед, Василеос Сапнулис, беше јунак, па трагичар, па пак јунак и за малку повторно ќе беше трагичар. Имено Спанулис погоди две неверојатни тројки во овој дел од натпреварот, но имаше и три без врска загубени топки од кои Турците профитираа од само една. На крај повторно Ендер Арслан се обиде со шут за три овојпат да им донесе победа, но беше непрецизен и Грците заслужено се пласираа во полуфиналето каде ќе играат со Шпанија во реприза од финалето на СП. Спанулис беше херојот со 23п (6/9 за 3п).

Во вториот дуел Хрватите можат само да жалат поради тоа што не успеаа да се пласираат во полуфиналето. Целиот тек на натпреварот имаа водство. Во еден момент во втората четвртина имаа +15, но на крај успеаа да ги прокоцкаат. Имено “коцкестите“ во третиот период верувале или не постигнаа само 3п. Тој дел Словенците го добија со 14:3 и успеаа да го свртат резултатот. Хрватска имаше можности да дојде до продолженија, но Планиниќ на два пати не успеа да погоди тројка, а во последната секунда Лени Укиќ исто го промаши шутот за победа па на крај Словенија-Хрватска 67:65.
Во утрешните полуфиналиња, Словенија игра со Србија, а Шпанија игра со Грција. Финалето е во недела со почеток во 21:15.