Нашиот капитен на кошаркарската репрезентација, Врбица Стефанов, за нашиот дневен весник „Утрински весник“ кажа дека е повеќе од задоволен од настапот и од пласманот на репрезентацијата на ЕП во Полска.

“Подобар крај на играчката кариера не можев да посакам. Да се простам од репрезентацијата и од кошарката играјќи против една велесила како што е Русија е нешто што воопшто не сум го ни сонувал. Доволно е. Сега пред мене е нова фаза од мојот живот. Сигурно нема да бидам тренер. За другото ќе видиме. Мислам дека ќе останам во репрезентацијата, а на која функција ќе се договориме дополнително. “
“Горд сум на соиграчите, на стручниот штаб, на сите. Го дадовме максимумот на овој шампионат. Мислам дека остваривме задоволителен успех. Две победи, и тоа против селекции како Израел и Германија, не се мала работа.“

“Ако забележите добро, двата тешки пораза беа на стартот од првата и од втората фаза, односно кога пристигнавме во Познањ и кога се преселивме во Бидгошч. Не бевме целосно адаптирани на условите и на салите во кои игравме. Кога се приспособивме одигравме добро и забележавме две победи, а бевме на прагот на успех и против Хрватска и против Русија. Ова не е алиби, но секако влијаеше на тие два неуспеха.“
Стефанов беше испратен со голем аплауз од страна на новинарите, и репрезентативците на Македонија и Русија на прес-конференцијата после завршувањето на дуелот со “зборнаја“.