Македонија денес против Словенија ќе игра за 5-то место на Европското ракометно првенство, но и за местото во квалификациите за ЛОИ 2012 кое нуди можност за наше прво екипно учество на Олимпијадата, што е сон за нашите ракометари.
Покрај тоа нашиот репрезентативен капитен
Кире Лазаров досега има постигнато 53 гола на првенството, а му недостасуваат, според последните информации од ЕХФ, пет гола за да го стигне рекордот на Швеѓанецот
Штефан Ловгрен од 2002 година кој запишал 58 гола, најмногу досега на Евро шампионатите.
„Мојот рекорд е најмалку важен. Овој пат важна е Македонија, важна е репрезентацијата, важни се сите наши навивачи“, вели Лазаров.
„Победата над Словенија, тоа 5-то место и пласманот во квалификациите за Олимписките игри се најважниот момент кој денеска ќе не оптоварува сите. Олимпијадата е остварување на нашиот сон, и сигурно одиме максимално во остварување на истиот. Јас секако ќе се потрудам и против Словенците да постигнувам голови, но сето тоа во функција на тимот, на нашите победи. Без соиграчите јас сум ништо. Тие ми даваат сила, тие ме подигнуваат секогаш. Затоа сме и успешни, затоа што сме целина“, истакнува капитенот пред еден од најважните наши дуели во историјата на екипниот спорт.