Валенсија убедливо со 3-0 славеше синоќа на гостувањето кај Леванте и со вкупни 7-1 обезбеди пласман во полуфиналето од Купот на Кралот каде што ќе се сретне со Барселона.
Стрелци на головите беа Адуриз во 25-та минута и Пјати во 30-та и 85-та минута, последниот откако домаќинот остана со играч помалку по исклучувањето на Серано. Со оваа победа Валенсија го обезбеди полуфиналниот двомеч со Барселона, која во четвртфиналето беше подобра од бранителот на трофејот Реал Мадрид со вкупен резултат од 4:3.
Втората полуфинална двојка ја сочинуваат изненадувањето, третолигашот Мирандес и Атлетик Билбао. Првите средби се играат на 31-ви јануари, а реваншите се недела дена подоцна.